Поетесата Сања Атанасовска ја доби книжевната награда „Караманов“ која се доделува во Радовиш во чест на македонскиот поет Ацо Караманов. Наградената збирка поезија носи наслов „Стаклена градина“ и содржи 54 песни. Ова е трета збирка поезија на авторката.
Еве неколку песни од оваа збирка.
завеса од дожд
Влегувам во завеса од дожд
за да видам една македонска свадба
да го слушнам тапанот во моето срце
да ја пронајдам есента во мене
да ги сретнам луѓето
што ме прават среќна
влегувам во една завеса од дожд
знаејќи дека една капка
може да изгаси
планини запалени од омраза.
.
твојата куќа
Твојата куќа има душа
и тогаш кога е празна и заклучена
кога си верен на своите спомени
кога внатре вреви убавата поезија
кога ѕвездите на покривот
ги положуваат шапките
твојата куќа има душа
и тогаш кога во неа сме странци.
.
сè е уништено
Го кршам покривот
ги отварам вратите и прозорците
нека ме разбие ветер
нека влезе смртта до последната моја пора
до последната брчка на моето лице
во мене сè е уништено, а во тебе?