Македонската поетеса Сања Атанасовска беше на книжевна резиденција во Цетиње
Македонската поетеса Сања Атанасовска во април беше на книжевна резиденција во Цетиње, Црна Гора. Таму таа работеше на нов поетски ракопис, но имаше и поетски читања во училиштата во градот. Со својата поезија се претстави пред основци, но и пред средношколци. Читаше песни од своите збирки „Писмото на десетте прсти“, „Тапија од животот“ и „Стаклена градина“. Со учениците имаше можност да зборува и за општествено – политичкото живеење во двете земји, Македонија и Црна Гора, третманот на културата, културните збиднувања и слично. Песните кои се напишани во текот на престојот во Цетиње, вклучуваат и мотиви од самиот град. Во текот на престојот, Атанасовска имаше можност да се запознае и со богатата историја која ја има градот Цетиње, но и со локални автори.