Сања Атанасовска е родена на 21 декември 1985 година во Куманово, Македонија. По професија е новинар. Во 2015 година ја издава збирката поезија „Писмото на десетте прсти“ со која ја добива наградата Лесновски ѕвона за најдобра дебитантска книга. Во 2017 година со помош на Фондација Македоника ја објавува збирката поезија „Тапија од животот“.
Очи со боја на кафе
.
Еден облак падна во лозјето
еден човек зборуваше сам со себе
ридовите мирисаа на пожар,
а жителите на соседното село
ни го украдоа сонцето.
.
Пред мене имаше четири филџани
сите до еден ги испразнив,
премногу за еден ден
премалку за еден човек,
затоа носам очи со боја на кафе.
.
Среќа во кутија од кибрит
.
Излезе среќата од кутија со кибрит
ја научи азбуката на лажните луѓе
се радуваше како дете
ги разубавуваше убавите жени
запали оган за сите нас
и се врати назад во кутијата со кибрит
во големината на своето
минијатурно гнездо.
.
Туѓа
.
Домаќините не ме сакаат
гостите не ме примаат
во моите очи
се будат илјада разочарани сонца
се оддалечив од саканите
се оттуѓив од своето
и туѓа ќе пребегнам кон туѓото.