Македонската поетеса Сања Атанасовска ја објави стихозбирката „Афродита трча по ветерници“
Излезе од печат стихозбирката „Афродита трча по ветерници“ на поетесата Сања Атанасовска, во издание на издавачката куќа „Слово Љубве – Буквибукс“ од Скопје.
Книгата содржи педесетина песни во кои доминира љубовниот мотив, а тие се поделени во три циклуси „Шест песни за Афродита“, „Трчање по ветерници“ и „Мирно море“. Ова е петта збирка поезија на авторката. Претходно ги објавила „Писмото на десетте прсти“, „Тапија од животот“, „Стаклена градина“ и „Шафране мој“. „Стаклена градина“ има и аудио верзија. Авторката е добитник на наградите „Лесновски ѕвона“ и „Караманов“. Нејзини песни се препеани на повеќе странски јазици. Во 2019. година била на книжевна резиденција во Цетиње, Црна Гора.