НОВА НАУЧНА КНИГА
„МОДЕЛИ НА РОДОВАТА ИДЕНТИФИКАЦИЈА“ ОД МАРИНА МИЈАКОВСКА
Во издание на издавачката куќа Сигмапрес од Скопје, излезе од печат научната студија „Модели на родовата идентификација“ од д-р Марина Мијаковска.
Студијата „Модели на родовата идентификација“ е книга од областа на компаративната книжевност, родовите студии и културологијата. Мијаковска во оваа книга говори за два модела на родовата идентификација: стереотипен и субверзивен (трансродов) модел, а интерпретативната анализа опфаќа корпус романи од актуелната македонска книжевност (Индиго Бомбај од Јагода Михајловска-Георгиева, Скриена камера од Лидија Димковска, Помеѓу од Ирена Јорданова и Планета на неискуството од Гоце Смилевски).
Рецензентот проф. д-р Маја Бојаџиевска вели: „Една од основните вредности на оваа книга е што во фокусот на својот интерес ги поставува прашањата за половоста/родовоста како аналитички концепти, а нејзината херменевтичка изведба е таква што несомнено укажува на особено компетентна млада критичарка која дава убав прилог кон компаративистичките и културолошките истражувања во македонскиот контекст.“
Марина Мијаковска (1984) дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност. Таа пишува поезија, проза, книжевна критика и есеистика. Членка е на ДПМ. Авторка е на поетските книги Номадска душа (2010); Куфери (2013); Психоаналитичка алхемија од страсти (2013); Тиркиз во лето (2015) и Постела на тишината (2015); на прозното дело Куќички (2014). Пишува и книги за деца – Новогодишни детски песни (2017).
Модели на родовата идентификација е нејзина втора теориско-критичка книга, по Жанровски полимер:Сандаче од ракописи во обид (2016).